Приветствуем гостей и посетителей нашего сайта!
Меню сайта
  • Главная страница

  • О Фонде

  • Мероприятия Фонда

  • Каталог статей

  • Обратная связь

  • Фотографии с мероприятий Фонда

  • Родственники Мажита Гафури

  • Филиал в городе Екатеринбурге

  • Услуги

  • Категории раздела
    Филиал в г. Екатеринбурге [0]
    Екатеринбургское региональное общество имени Мажита Гафури (филиала «Гафури XXI век»).
    Мои статьи [112]
    Мини-чат
    Статистика

    Онлайн всего: 1
    Гостей: 1
    Пользователей: 0
    Форма входа
    Главная » Статьи » Мои статьи

    ПОСЛЕДНАТА КОРИДА НА ДУШАТА Панде Манойлов

      Публикуем рассказ македонского поэта и писателя Панде Манойлова   

    ПОСЛЕДНАТА  КОРИДА НА ДУШАТА  

                 Облечен во старo излитенo палто купено од „ЦУМ" во Софија токму на денот кога беше уапсен претседателот Тодор Живков и со црна паларија купена во Белград претходната година кога не се знаеше дали Сава се влева во Дунав или обратно и дали реката Вардар тече кон Триглав или Егејско Море, точно по дваесет години, понесувајќи го со себе татковото старо картонско куферче, на кое , на горната страна од капакот пишуваше „Порт Кембла 1964", го напушти темниот вилает и замина во Европа. Замина од црниот за да најде спокојство во белиот свет. Замина со побелени коси и бела брада.
                Не сакаше со себе да понесе ништо. Ниту белег од времето ниту прашинка од својата татковина.Сакаше да си остане само балкански господин со балканско достоинство.
                Дури и својата сенка ја остави на северната страна под стреата на родната куќа за тука сонце да не ја огрее.
                Замина во белиот свет да ја продава сопствената душа сместена во малото картонско куферче, убаво завиткана во црвен целофан заврзан со златно-жолта панделка. За да ја продава неа, стутулен како бездомник на некој од европските плоштади каде никој не го познава. Душата си ја замислуваше како стара непрочитана книга за која, можеби, ќе се најде читател или љубител на антиквитети кој ќе ја стави таа книга на полиците за книги и кога ќе дојде време ќе ја прочита.
                Од неговиот роден град до престолнината на неговата малечка државичка со брзиот воз патуваше токму пет часа. Сто и осумдесет километри  само за пет часа... Потоа, со другиот, меѓународниот воз „Ориент експрес" во кој се префрли на запуштената железничка станица во главниот град, до границата патуваше уште цел час. На граничниот премин се чекаше нешто повеќе од час и половина.
                Полицаецот кој вршеше контрола на патните исправи, влегувајќи во купето, наместо да се загледа во ликот на патникот, како што впрочем е вообичаено кај сите пасошки контроли на граничните премини, се загледа во малото картонско куферче на непознатиот што го држеше стегнато со двете раце на сопствените колена . Го гледаше долго без збор да проговори. Ниту  „добар ден", ниту „патната исправа, ве молам" не проговори како што е вообичаено да се рече во ваква административна пригода и макар колку да била таа ладна.
                -Да ви го дадам пасошот? Еве, тука ми е, во внатрешниот џеб од палтото,- праша малку подуплашен и почна да бара по џебовите.
                Полицаецот ниту го погледна. Ја затвори вратата од купето како тоа да беше празно, како во него да немаше никој жив.
                -Сите одите некаде, заминувате... Сите патувате без повратна карта... А, јас, ете, морам да останам во служба на татковината. Ќе бидам последен што ќе ја напушти оваа земја. И, тогаш, мене кој ќе ми побара патна исправа? Самиот ли себе да си ја побарам? Извинете, почнав сам со себе да си зборувам... Глас слушам, но лик не гледам...- промрмори во ходникот полицаецот штипејќи си го лицето за да провери дали нешто му се причинило или сонува.
                И со цариникот кој влезе во купето три минути по заминувањето на полицаецот, се случи истото. Се загледа ладно во куферчето без да му обрне внимание на патникот. Го втренчи погледот во сенката или она и видливо и невидливо што му се причини како човечко суштество пред себе, без никаков израз на лицето.
                -Сосема лична работа...Мислам дека не е за царинење... Душата, душата ми е внатре...- не дорече патникот, кога цариникот ја сврти главата и без никаков коментар го напушти купето.
                Малиот простор наменет за осуммина, просторот наречен купе, како да беше сосема празен, без ниеден патник во него.
                -Не ме праша ниту што носам во куферчево. Не ме праша ниту тоа, да не случајно изнесувам национално богатство од мојата држава...А, душата, мојата душа, не е ли национално богатство, коренче од коренот, мало жилче?- прошепоти  полугласно патникот, зашто во купето, освен него немаше никој друг.
                По  половина час, возот колку што тргна и не повози ниту километар, повторно застана. На другата балканска граница.
                Полицаецот, службеник на соседната држава, кој вршеше пасошка контрола, само ја отвори страницата од патната исправа каде што е местото за фотографија, но веднаш се стаписа, пребледе:
                - Фотографијата ви е избледена, пожолтена... Многу, многу бледа, ништо не гледам на неа... Не се препознава ликот...
                -Тука ми е ликата, тука во куферчето, во мојата душа... Не барајте ја на листот хартија!- почна да бара оправдување.- Да го отворам куферчево за да го видите? Јас, господине, не сум измамник... Јас, и ако од Балканот, сепак сум господин, со неизвалкан лик и чиста душа.
                -Тешко е да се наѕре во душата! Јас, ете, немам таков апарат! Гледам само на фотографијата, на ликот во неа, а ете, во случајов го нема Вашиот лик. Само маглина... Среќен пат, господине од Балканот!- рече полицаецот и ја затвори вратата зад себе.
                Неколку мига потоа на вратата од купето затропа друг службеник во униформа:
                -Царина, господине. Имате ли нешто за царинење? Во рацете ви гледам куферче, полно со злато ли е?
                -Не! Нешто повредно од злато! Душата, мојата душа, господине, е внатре...
                -Душа во куферче? Во кафез?- се чудеше цариникот.
                -Не, душа во златно ковчеже, господине...
                -Не сум царинел душа, господине! За жал! Не е тоа моја надлежност! Свети Петар можеби... А, ете, можеби и јас самиот сум пред него, кога сам со себе си зборувам како сега. Јуда бил митничар, цариник исто како мене и неговата судбина можеби нема да ми избега... Но, ако одите во Рим, наминете во катедралата „Свети Петар". Помолете се Бог да ни ги прости гревовите: и Вашите и моите!- прошепоти цинички цариникот блед како крпа во лицето и ја затвори вратата зад себе.
                Патникот остана сам, со својата душа во картонското, кафеаво куферче. Сам во купето.
                Стана од седиштето, се исправи за да си ги протегне нозете. Се фати со двете раце за металните решетки наменети  за багаж и во тој миг го здогледа огледалото пред себе. Скршено во горниот десен ќош, матно, сивкасто. Се загледа во него да си го види ликот, да се подотера, да си ја среди разбушавената коса, но никако да види лика. Отслик на спротивната страна во купето – да, но никако да го види својот лик. Почна да го брише со книжното марамче, да го трие огледалото. Сакаше да хукне, да се нафати пареа од неговиот здив за потем поубаво да го истрие.
                -Ху! Ху-у-у!- хукаше во огледалото, но ликот, неговиот лик, никако да се отслика на мазната површина од стаклото.
                По неколку мига, затекнат во безизлезна ситуација од тоа што му се случува, почна да се смее на сиот глас:
                -Па, како да си го видам ликот во огледалото кога тој е скриен во мојата душа?! А душата е тука, во куферчето, ха-ха-ха...
                -Душата е нешто друго. Многу подруго од убавиот или грд лик. Таа не се гледа, но многу зборува... Патниот билет, господине, барем него да го видам ако Вас не ве гледам... Простете, пред малку само три чашки ракија испив, но, ете, ме фати пијачката... Ме понуди една госпоѓа со ангелски лик. Немала пари за патен билет да си купи, па во замена ме почести со пијалак. Но, Вие, молчете си, како ништо да не знаете. Останете си ветер невидлив како што сте и за мене во овој миг, дувкајте си тивко, како северец,- се нишаше пред него железничарот во тактот на нишањето на вагонот.
                -Еве го билетот! Повелете ценет железничару,- љубезно одговори патникот.- Треба ли билет за мојата душа? Ако треба, еве ќе платам. Се разбира и казна...
                -Значи, навистина сум пијан кога почнав да зборувам со ветерот!- се заврте кон вратата пијаниот железничар, заборавајќи притоа и да ја затвори.
                - Можеби, навистина сум вистински балкански господин!?- се запраша патникот, вчудоневиден од постапката и на ова службено лице, го стегна куферчето на градите, ја пристегна паларијата на главата и се обиде да заспие, да се затскрие во сонот и да избега од сите сништа што се сонуваат на Балканот.
                До Белград патуваше без никакво задоцнување полни единаесет часа. Од таму до Венеција уште триесет и пет часа, вклучувајќи ги тука и неколкучасовните чекања на границите со Хрватска, Словенија и Италија.
                Сам беше во купето. Сам со сопствената душа сместена во куферчето. Можеби беше и единствениот патник во вагонот, па можеби и во сите вагони што ги влечеше возот.
                Високи беа цените за ноќевањата во хотелите и хостелите во Венеција. За да го избегне тоа, одлучи да преноќева во соседното населено место на копното, во гратчето Местре. Градчето Гарда, за кое многу години сонуваше по втор пат да го види, му се причини дека е далеку. А, што ќе му недостасува и тука, што ќе му е да буди спомени од годините кога беше многу, многу помлад? Се смести во еден непристоен хотел со пријателски настроени келнери кон буџетите на авантуристите и „големите" господа дојдени како него од Балканот.
                Рано утрото, кога порача појадок, го праша келнерот дали во нивниот град има место каде се продаваат души.
                -Немаме такви специјални болници, господине. Ова е малечко градче. Можеби во Рим има, но прашајте и во Венеција. Или, можеби во Верона... Знаете таму што се случи со душите на Ромео и Јулија,- му го заврти грбот келнерот, зачуден од прашањето на непознатиот  чиј лик не се познаваше, и отиде до соседната маса да ја послужи со утринско кафе младата дама.
                Ги изеде двете пржени јајца, стана, ja  стави пaларијата на главата, го облече веќе излитеното палто, го зеде куферчето в рака, господски се поклони на келнерот и младата дама, упатувајќи им љубезна насмевка:
                -Чао! – ги поздрави на италијански и се упати кон железничката станица.
                Се воодушевуваше на одлично разгранетата железничка мрежа во Италија и точните возови со лукзузни купеа кои светеа од чистота. Од Венеција до Верона патуваше  неполн час и половина... А во центарот, куќата на Јулија со барокна тераса од која му испраќаше романтични воздишки на својот љубен Ромео. Или, прекрасниот „Колосеум", и тој во центарот на градот.
                -Љубов? Што беше тоа љубов, што значеше тој збор? Го уби ли некој во мене или годините го стопија? Ех, Ромео, балкански Ромео...- воздивна длабоко.
                Не се задржа во Верона и ако сакаше тука, во овој град на љубовта, да ја понуди некому својата душа. Но кога размисли колку трагично загинаа Ромео и Јулија, се откажа од таа идеја. Се уплаши од помислата дека душите на овие трагични љубовници лебдат во височините на небото од овој прекрасен град или нивните тела пловат невидливи во некоја гондола низ Венеција.
                Потоа со друг воз се упати кон Милано. Во Џенова, повторно сам во купето, како да слушна тивок глас кој доаѓаше од малото куферче:
                - Те молам, тело мое не застанувај во овој град. Те молам.
                 - А, зошто, душо моја, зошто? Зарем не ти е удобно таму каде што си ?
                - Имаше еднаш, во едно не многу далечно време на пристаништето во овој град еден брод што се викаше „Галилео Галилеј" кој многу народ од твојот роден крај однесе на печалба во Австралија...- зборуваше душата.
                - Велиш, од мојот роден крај. А тој крај, не е и твој, душичке моја?
                -Не, тело мое, дому мој... Душата нема роден крај! Таа е родена во Универзумот и таму припаѓа... А ти велам да не запираш во овој град заради спомените. Тие го топат телото како мраз,- рече душата и молкна.
                Патникот, господин од Балканот, не очекуваше ваков дијалог со сопствената душа. Натажено почна да тони во мислите, да се враќа во минатото... Се сети на детството, на тажните мигови кога на железничката станица го испраќаше својот татко на печалба во Австралија...Која година, ли беше? Ах, да! Се сети: онаа иста година испишана на капакот од куферчето: 1964!
                Сакаше да ги заборави тие мигови на разделба кога телото на печалбарот се разделуваше од душата: тоа одеше на печаба, а душата остануваше под стреата на родната куќа.
                -Сети се на една убава бајка од Ханс Кристијан Андерсен, што ти и јас, кога бевме едно тело и една душа во детството, сакавме многу да ја читаме,- воздивна душата од куферчето.
                Ја немаше душата во себе, но ги имаше мислите и спомените од неа врежани во срцето. Се сети на  книгата што ја читаше, кога момчето Кеј го грабна злобната кралица Снежана и го стави да чмае во нејзината палата направена од мраз. Неговата сестра Герда го бара по целиот свет за да си го спаси братот... Кога Герда ќе го пронајде Кеј, нејзините солзи радосници ќе го растопат неговото замрзнато срце и тие заедно ќе се вратат дома...
                -Не! Нема да застануваме во Џенова... Ги нема и двата брода на разделбите: ниту „Галилео Галилеј" ниту „Маркони"... Претопени се како старо железо во топилницата во „Стилворк", во Порт Кембла. Нема повторно да лееме солзи... Тие, можеби и двајцата ќе не стопат, а ти, душо моја, ти си скапоцена и нема да дозволам да те проголта некоја црна дупка, па макар тоа да биде и вселенска,- и одговори на душата галејќи го куферчето.
                Со друг воз замина за Вентимлија, од таму сè до Ница, Франција, еден од бисерите на Азурниот Брег, град  полн со раскош, со можност за прошетки, без да се пропушти променадата, позната како Шеталиште на Англичаните, покрај градската плажа, православната катедрала „Свети Никола" и стариот дел на градот. Токму таму, во стариот дел на градот, во една од кафеаните, седна и се напи чашка црвено француско вино... За да се освежи, но и да се потсети на Шеталиштето од неговиот роден град, на Широк Сокак.
                -Мۥсје,- му се обрати на келнерот,- во Ница има ли пазар за души? Носам една од Балканот, оригинална е, чиста душа!
                -Сигурно, колку што е нејасен и твојот лик, толку е оригинална и таа, душата што ја продаваш... И во музеите не сакаат балкански фалсификати од сегашноста. А античките веќе ги имаме. Нешто моите претци украле, нешто твоите продале за корка сув леб,- се насмевна љубезно келнерот и со брзи чекори се оддалечи од непознатиот гостин.
                Растојанието меѓу Ница и Монако е мало, но се одлучи на еднодневна екскурзија до овој град држава. Му дојде на мисла  да не ја продава душата туку да и ја подари на принцезата Грејс Кели која се наоѓаше во рајските предели на Бога.
                -Јас не сум мртва душа! Јас сум се уште жива, мој балкански господине. Животот е живот, а смртта е  смрт и таму од каде што доаѓаме и тука. Не заборавај дека душата на принцот Рение е покрај душата на неговата принцеза. Чуму им сум јас? – се пожали гласот од картонското куферче.
                Не знаеше што  да прави. Талкаше по тесните калдрмисани улици со куферчето в рака, се загледуваше по излозите... Сè виде во нив, само не го виде сопствениот лик, за, спроти него, да си купи нешто што би му одговарало.
                Во Ница се врати во ноќните часови, преморен до бессознание.
                После 11 часот, пред полноќ, настојуваше да биде што подалеку од железничката станица...Криминалците, проститутките, во тоа глуводоба беа дел од тоа царство. Се пикна под еден мост на суводолица, распосла на камчињата  картонска кутија, ја стави паларијата на еден поголем камен, се завитка со палтото и се обиде да заспие, да избега од себе, да избега заедно со душата кон ѕвезденото небо.
                За балканскиот господин и неговата душа како бегалци од самите себе, како непозната правна категорија на апатриди, немаше место во Франција. Оправдувањето дека некој е дојден како странец да си ја продаде својата душа, не држеше место. Тоа беше во областа на недозволена трговија со опиуми за болната совест. Ако и се даде азил на душата, што ќе прави телото? Ниеден правник не можеше ова талкање на балканскиот господин со сопствената душа сместена во картонско куферче да го толкува како политички азил ниту во законските акти можеше да се сретне таква одредба. Само политичарите што си ги продаваат душите и татковината можат да добијат таква привилегија во оваа држава на демократијата.
                Виде, не виде, учтивиот балкански господин одлучи да отпатува за Барселона, престолнината на шпанската покраина Каталонија, позната како градот на Гауди, зашто изобилува  со музеи и невообичаени градби кои се токму негово дело, дело на генијалниот модернист Антони Гауди, инаку врвен архитект...           
    Прво што помисли да направи беше да влезе во познатата црква „Саграда Фамилија", која со своите геометриски форми му го запре здивот. И влезе да се помоли, Бог да му се смилува, да го подучи што да прави, каков излез да најде за себе и сопствената душа. Клекна на колена, ја извади душата од куферчето завиткана во црвен целофан заврзан со златно-жолта панделка и ја стави пред распнатиот Исус исто како да става китка најубаво цвеќе.
    Тој не заплака. Заплака неговата душа. Нејзината солза се слеа со солзата на Распнатиот на Крстот!
    Не знаеше што да прави ни со себе, ни со душата. Нежно го фати целофанот, ја гушна заедно со Исус и бакнувајќи ја повторно нежно ја смести на старото место во куферчето.
    -Прости ни Господе! Јас веќе не знам што правам! Прости ми, а и мојата  душа нека ми прости!- му затрепери гласот на балканецот и со наведната глава полека, полека излезе од црквата.
      Потоа, замислено, не знаејќи како да излезе од безизлезот во кој длабоко почна да тони, а остана со сосема малку пари во џебот, прошета со бавни чекори крај зградите „Каза Мила", „Каза Батиљо" , „Каза Калвет" како и раззеленетиот полн со расцутени и разнобојни цвеќиња, паркот Гуел што го носи името на неговиот проектант.
    Во Барселона се искачи и на двата рида , Тибидатот и Монжуик. Во подножјето на Монжуик ја здогледа познатата Магична фонтана која со вечерната комбинација на светло и музика не го остави рамнодушен. Ја слушна тука и трубата и звуците на останатите дваесетина инструменти на кои свиреше познатиот инструменталист Вангел Мачковски од Буково, кој тука, во Шпанија си ја пронајде својата изгубена душа. Како тука, крај фонтаната, во овие мигови тој врсен музичар да имаше концерт, специјално организаран во негова чест и во чест на неговата душа, во чест на дојденците од неговиот роден крај а звуците преполни носталгија како да надоаѓаа со брановите ветрец од небесните ангелски височини на ѕвезденото небо.
                Најинтересна улица во Барселона му се пристори а и така почувствува дека е познатата Ла Рамбла, преполна со туристи. Седна во една од кафеаните и нарача пататес бравас, посебно приготвен компир каде се напи и чаша сангрија, а потоа и чаша шпанско овошно вино. По поминатите пријатни мигови, стана и полека зачекори по улицата од соништата со звучно име кое никогаш нема да го заборави -Ла Рамбла, упатувајќи се кон споменикот на Кристифор Колумбо, кој со кренатата рака скаменето, со векови го покажува правецот кон Јужна Америка.
                Кога со последните пари ја плати и ја испи полната и последна чаша сангрија, го почувствува нејзиното магично дејство, му дојде некаква сила, му се врати изгубениот лик. А и душата излезена од куферчето, без целофан на себе се опи со капка вино испиена од последната чаша, само онака, како душата знае да се опие: низ пијанство да заборави на сè! Да заборави на сè, зашто таа чаша вино ја испи токму во Барселона, градот во кој се случиле многу чуда а очекуваше и со нив, двајцата патници намерници да се случи чудо!
                Поднапиени и весели како никогаш, балканскиот господин и неговата душа прегрнати се упатија кон арената за да присуствуваат на корида, на борба со бикови. Да го видат тоа што не го виделе на просторите од кои доаѓаат, да го почувствуваат тоа што Фредерико Гарсија Лорка го опеал во своите песни, што ги читале во младоста.
                На влезната врата од арената ги пречека човекот што ги кине влезниците. Им се обрати натажено, гледајќи дека се дојденци, туристи од некоја далечна земја:
                -Трибините се полни со публика. Но нема борба со бикови! Тукушто ни јавија дека нашата Влада забранила такво нешто, за да ги заштити животните. Нема корида, сињори, жалам! Но, ако сакате, повелете влезете, проштално забавувајте се!
                -Како? Ќе нема корида? Ќе нема борба? Па, ајде, ви се молиме! Ќе видите таква борба што досега шпанската и светска публика не видела! Балканска корида, оле?- во еден глас викнаа пијаните гласови на господинот од Балканот и неговата душа.
                Влегоа право во арената, местотото каде, до само пред една седмица, се воделе најкрвавите борби на матадорите со разлутените бикови. Кога многубројната публика ги здогледа  непознатите суштества на бојното поле, грмна силно:
                -Оле! Вива корида балканика! Вива!
                Телото на балканскиот господин ја облече најубавата гиздава облека на најпознатиот матадор и го зеде долгиот меч со позлатена рачка в раце за да се бори со сопствената душа. Мечот, остер и долг,  осветлен од светлото на рефлекторите, светна заслепувачки. Неговиот остар врв го очекуваше моментот кога ќе ја почувствува првата капка крв, за потем, се до рачката, цел да се обои во црвено.
                А душата – расен црн бик со патина од поднебјето на темниот вилает од каде нејзиното тело ја понесе на продажба во белиот свет како да сакаше да ги види широчините на зелените ливади на слободата... Бик без крв во жилите но со душа во душата, која како ореол на непознат светец зрачеше среде арената.
                -Оле!- згрме публиката,- Вива сињор Балкан!
                Го бодреа гледачите телото, заборавајќи притоа на душата и нејзините страдања. Се прашуваа чија ли крв прва ќе се пролее.
                Не беа виделе ваква борба овие луѓе жедни да видат пролеана крв. Никогаш од постоењето на шпанската корида. Но, ете, за последен пат, за простување со оваа традиција, им се случи ваква среќа, да видат нешто дотогаш невидено и недоживеано.
                -Оле! Оле!- грмеше публиката на трибините, давајќи со тоа знак дека не треба да се чека повеќе, дека времето им е пари и дека борбата треба да почне.
                И почна очекуваната претстава, крваво, како во арените на некогашното Римско царство, во римските арени во кои се воделе борбите на робовите со лавови.
                -Вива корида балканика!- грмеше публиката.
                Душата распослана во средината на арената, беше без рогови, чиста како ѕвездено небо. А и немаше крв во себе за пролевање освен бистри солзи... Застана раширена на средината на борилиштето облечена во наметка од црвен целофан и препашана во половината со целофанска панделка во златно-жолта боја и почна да блеска како небесна светлина за да го дочека бодежот на мечот што ќе го зарие во неа нејзиниот најблизок.
                -Но, јас немам срце, каде ќе ми го зариеш мечот? – го праша душата тореадорот пред да почне битката.Тореадорот, нејзиното тело од кое е излезена.
                -Во мојата балканска болка! Во него ќе го забодам душо моја! И во ова картонско куферче во кое те носев, ќе го забодам, среќо и несреќо моја!- викна тореадорот колку глас го држи.
                -Оле!- ечеше како грмотевица гласот на публиката очекувајќи што ќе се случи и кој ќе победи: душата или телото на човекот од Балканот.
                -Душа не се продава-а-а-а! Не на смртта, не на битисот! Мојата душа е само моја! Јас не сум убиец, о, луѓе! – громогласно и низ плач викна тореадорот.
                - Оле, матадор! Вива ла вита! Да живее правото на живот!- ечеа громогласните гласови на многубројните љубители на коридата, дојдени  последен пат да се простат од оваа вековна забава,  борба на човек со бикови, на борба на телото со душата.
                Одеднаш душата, во тие моменти на неизвесност, полна со бојна  еуфорија - да се биде или не, се упати со раширени раце како со раширени гулабови крила кон матадорот, кон телото од кое беше излезена. Тој, пак, наместо да ја прободи со мечот, силно ја прегрна, во прегратка топла и нежна, невидена за овие европски простори. Прегратка што ги спои во едно, во идеална, совршена целина како што Бог ја создал, во тоа што претходно си беа: човек со душа и балкански лик кој веќе, во тие мигови на занес, со неведлива сила како од ветер носен се крена високо кон височините за што побрзо да стигне до споменикот на Кристифор Колумбо, кој сега, со својата бронзена рака не го покажуваше правецот кон Јужна Америка, туку кон Средоземното Море, кон Балканот.
     
     
        13 и 14. 12. 2012  г.                                                                                         Панде Манојлов
           15 до 04,10 ч.
                Битола
    Категория: Мои статьи | Добавил: gafuri (27.01.2012)
    Просмотров: 608 | Рейтинг: 0.0/0
    Всего комментариев: 0
    Имя *:
    Email *:
    Код *:
    Поиск
    Друзья сайта

    Copyright MyCorp © 2024 | Бесплатный конструктор сайтов - uCoz